Доларот зајакна, цената на нафтата во раст

На валутните пазари вредноста на доларот во петокот во претпладневното тргување во однос на кошницата валути порасна по пораките на директорот на американската централна банка.

На состанокот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ – IMF), Пауел изјави дека е задоволен од слабеењето на инфлацијата, но дека не е сигурен дека Fed направил доволно.

„Банката е решена да постави доволно рестриктивна монетарна политика за да ја сведе инфлацијата на целното ниво. Сè уште не сум сигурен дека сме го постигнале тоа“, изјави Пауел.

Како реакција на пазарите, индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути, претпладнево се движи околу 105,87 поени, додека вчера во истиот период од тргувањето изнесуваше 105,55 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 150,95 на 151,35 јени. Американската валута зајакна и во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0670 долари, додека ден претходно изнесуваше 1,0710 долари.

Цените на нафтата, од друга страна, пораснаа. Цената на барелот на лондонскиот пазар претпладнево зајакна за 0,47 отсто, на 80,35 долари, додека на американскиот пазар барелот порасна за 0,37 отсто, на 76,05 долари.