Доларот зајакна пред состаноците на Fed и ЕCB

На светските берзи вредноста на американскиот долар во однос на кошницата други валути порасна минатата седмица, по остриот пад една седмица претходно, додека инвеститорите се позиционираат пред состаноците на американската и европската централна банка следната седмица.

Индексот на доларот, кој го покажува движењето на вредноста на американската валута во однос на другите шест најважни светски валути, минатата седмица порасна за 1,1 отсто, на 101,06 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на европската валута зајакна за 0,9 отсто, па цената на еврото се лизна на 1,1123 долари.
Цената на доларот уште повеќе порасна во однос на јапонската валута, за 2,1 отсто, на 141,80 јени.

Откако пред една седмица падна на 15-месечен минимум, индексот на доларот значително закрепна минатата седмица. Курсовите на најважните светски валути се движат во зависност од шпекулациите за натамошното движење на каматните стапки.

Инфлаторните притисоци во западните земји се намалија во последните месеци, па јасно е дека се ближи крајот на циклусот на зголемување на каматните стапки. Сепак, прашање е уште колку централните банки ќе ја зголемат цената на парите оваа година и колку долго ќе ги одржуваат каматните стапки на покачени нивоа.

Пазарот очекува на седниците следната седмица на американската Federal Reserve (Fed) и Европската централна банка (ECB) дополнително да ги зголемат каматните стапки за 0,25 процентни поени.

На состанокот во јуни, челниците на Fed ги оставија каматните стапки непроменети додека не се види како сегашното заострување на монетарната политика ќе влијае на економијата и на инфлацијата. Речиси е сигурно, според аналитичарите, дека Fed дополнително ќе ги зголеми каматните стапки следната седмица, но се поставува прашањето дали тоа ќе биде последното зголемување во циклусот или ќе има уште едно зголемување до крајот на годината.

Во последните седмици еврото зајакна во однос на доларот поради очекувањата дека јазот меѓу каматните стапки во САД и еврозоната ќе се намали. Имено, се очекуваше дека Европската централна банка до крајот на годината ќе ги зголеми каматните стапки повеќе од Fed. Сепак, како што се намалува инфлацијата во еврозоната, големото прашање е уште колку ECB ќе ги зголеми каматните стапки.