Домашна победа на Лион над Ајачо

Фудбалерите на Лион беа домаќини на корзиканскиот клуб Ајачо во првиот дуел од новата сезона на француското првенство и славеа со 2:1.

Лион поведе во 12 минута, кога убавата акција и асистенција на повратникот Александр Лаказет во погодок ја претвори Бразилецот Тете. Веќе во 21 минута домашните го удвоија водството, кога Тете беше соборен во гостинскиот шеснаесетник а Лаказет сигурно ја реализираше најстрогата казна.

Гостите во 27 минута добија шанса да се вратат во натпреварот, кога невнимателниот домашен голман Антони Лопез налета на Ел Идризи на работ на казнениот простор. Главниот судија без двоумење му покажа црвен картон и пенал за гостите. Дури во 31 минута конечно најстрогата казна ја изведе Тома Мањани кои го намали заостанувањето на Ајачо.

А Корзиканците предноста од играч повеќе ја имаа само до крајот на првиот дел, бидејќи Ромен Амума во рок од 15 минути заработи два жолти картона, од кои вториот во четвртата минута од судиското продолжение на првото полувреме.

Во вториот дел ниедна од екипите не успеа во настојувањата да го промени резултатот, па Олимпик Лион го започна првенството со три бода, додека повратникот во лигата Ајачо на првите бодови ќе мора да чека барем до следниот викенд кога на Корзика го пречекува тимот на Ланс.

Во сабота ќе се одиграат само два натпревара од првото коло: Стразбур – Монако се игра од 17 часот, а Клермон го пречекува шампионот Пари Сен Жермен во вечерниот термин од 21 часот.

Во недела ќе бидат одиграни преостанатите седум дуели: во 13 часот играат Тулуз – Ница, во 15 часот на распоредот се мечевите Монпелје – Троа, Анже – Нант, Ланс – Брест и Лил – Оксер, во 17,05 часот играат Рен – Лорион а во 20,45 часот Марсеј – Ремс.