Она што е добро за срцето понекогаш е добро и за мозокот, покажа една неодамнешна студија објавена во списанието Journal of Aging and Health според којашто повозрасните од 50 години сопственици на домашни миленици имаат подобри резултати на тестовите за меморијата.
Истражувањето на научниците од Универзитетот Мичиген укажува на тоа дека ефектот на домашните миленици (‘pet effect’), не ги штити само срцето и цревата, што е веќе позната теорија, туку може да има важна улога и во зачувувањето на функциите на мозокот во повозрасната возраст.
Резултатите се темелат на национално репрезентативно истражување коешто е спроведено на повеќе од 20.000 возрасни лица кои одговарале на прашањата дали имаат домашен миленик и колку долго. Здравствената состојба на испитаниците потоа е следена во шестгодишен период.
Се покажало дека сопствениците на домашни миленици имале подобри когнитивни резултати од оние кои ги немале. Тој ефект бил видлив само кај повозрасните од 65 години, кога вообичаено почнуваат да се појавуваат симптомите на деменција.
Доколку лице од оваа возрасна група имало миленик пет години, постигнувало подобри резултати во среднорочното и долгорочното паметење на зборови, отколку врсниците кои немале миленик.
„Ова откритие е само врска а не јасен доказ дека pet effect-от навистина постои“, истакнуваат научниците.
Бројни истражувања покажале дека домашните миленичиња се добри за здравјето и има многу теории зошто тоа е така. Сопствениците на кучиња, на пример, се принудени да шетаат поради своите миленици, а секојдневното движење е поврзано со здравјето на мозокот и функционалниот подолг живот.
Познато е и дека животните внесуваат нови бактерии во домаќинството, што може да го зајакне имунолошкиот систем, особено цревата. Или, едноставно, миленичињата не прават среќни зашто студиите упатуваат на заклучокот дека нивната присутност ја намалува осаменоста и стресот. Во повозрасна возраст тоа може да биде многу поважно отколку во помлада. Докажано е дека изолацијата може да ја промени структурата и функцијата на мозокот.
И додека многу студии досега се фокусираа на тоа дека чувањето кучиња и мачки влијае врз емоциите и физичкото здравје, има малку истражувања за тоа на кој начин тие влијаат врз мозочните способности. Научниците од Универзитетот Мичиген сметаат дека поради тоа е потребно подолго време да се покажат позитивни ефекти од домашните миленичиња врз когнитивните способности на нивните сопственици.