Во последниот натпревар од саботната програма на англиското фудбалско првенство Манчестер Јунајтед успеа да слави со голем пресврт на својот „Олд Трафорд“ против претпоследниот Њукасл со 3:2 (0:2).
Њукасл по само десет минути игра водеше со 2:0, а стрелци беа Кнеди во 7 и Муто во 10 минута, а бидејќи следеа нови трагикомични грешки во домашната одбрана, се чинеше дека Манчестер Јунајтед и петти меч со ред ќе остане без победа. Меѓутоа, во второто полувреме домашните тргнаа со сите соли, но дури во последните дваесет минути преку Мата во 70 со фантастичен гол од слободен удар, Мартиал во 76 и резервистот Санчез во 90 минута предизвикаа делириум на трибините.
Денешниот меч ќе влезе во аналите на „црвените ѓаволи“ бидејќи никогаш во Премиер лигата не примиле два гола во првите десет минути. Јунајтед сега е осми со 13 бодови, шест помалку од водечките Сити и Ливрепул кои играат меѓу себе утре, а Њукасл и покрај добрите игри што ги прикажува остана само на два бода.
Фудбалерите на Тотенхем успеаја да победат како домаќини на „Вембли“, против последниот на табелата Кардиф Сити со 1:0, што им го донесе третото место на табелата со бод помалку од водечките Манчестер Сити и Ливерпул кои во недела го играат меѓусебниот дуел. Иако гостите од Велс играа од 58 минута без исклучениот Рејлс, „Спарси“ успеаја да победат со голот кој го постигна Даер уште во 8 минута.
По одличниот старт на сезоната, Вотфорд дома беше поразен дури со 0:4. Вотфорд од 33 минута играше без исклучениот Кабаселе, а Борнмут тоа умееше максимално да го искористи и откако претходно преку Брукс во 14 минута поведоа , потоа со двата гола на Кинг во 33-та од пенал и во првата минута од судиското продолжение на првото полувреме, а во 47 минута прецизен беше и Вилсон. Со оваа победа Борнмут се искачи на високото петто место на табелата со 16 бодови, еден повеќе од следниот Арсенал кој има меч помалку. Вотфорд, пак, остана на 13-те бодови е сега е осми.
Исклучување во саботата имаше и на дуелот во Лестер, каде што во 63 минута беше исклучен домашниот играч Морган. Претходно гостинскиот Евертон поведе преку Ричарлисон во 7 минута, израмни Пареира во 40 минута, а Сигурдсон во 77 минута постигна одличен гол за победа на клубот од Ливепрул. Лестер пропушти можност да напредува на табелата, и сега деветти со 12 бодови, а зад него со ист број бодови се доближи токму Евертон.
Барнли и Хадерсфилд одиграа без победник со по еден погодок, кои ги постигнаа Вокес во 20 минута за домашните и Шиндлер во 66 минута за гостите. Барнли така се одржува над опасната зона и е 12-ти со осум бодови, додека ова беше само трето реми за Хадерсфилд сезонава без победа, па трите бода се доволни само за моменталното 18-то место.
Вулверхемптон со голот на Доерти во 56 минута славеше на гости кај Кристал Палас, кој така остана на 14-то место со седум бодови, додека нивните денешни гости се искачија на 7-то место со 15 бодови.
Претходно во петокот Брајтон енд Хоув Албион на свој терен го совлада со 1:0 (0:0) Вест Хем Јунајтед, а по саботните мечеви Брајтон е 13-ти со осум бодови, а Вест Хем има бод помалку и е две места подолу на табелата. Во недела, пак, се среќаваат Фулам – Арсенал, Саутемптон – Челзи а за самиот врв на табелата директно ќе се соочат Ливерпул и Манчестер Сити.