Домот на културата се распаѓа – време е Куманово да стане бастион на културата, порача Михајловски

„Мотивот ми е што не сум баш класичен политичар од она доаѓам – ветувам – си одам и заборавам – и ништо не правам од тоа што сум го кажал. Мотивот ми е да покажам можеби дека градоначалникот не треба да биде политичар до толку колку што треба да биде заштитник на граѓаните и да ги направи посреќни, побезбедни и побогати“, истакна Тони Михајловски, кандидат за градоначалник на општина Куманово во гостувањето во емисијата „Студио 10“ на телевизија 24.

Михајловски посочи дека Куманово не треба веќе да е бастион на политичка партија бидејќи тогаш има уназадување. Куманово треба да биде бастион на културата, на чисти улици, на убав театар, на нови школи, на среќни луѓе. Куманово треба да е бастион на сите граѓани, на Македонци, Албанци, Роми, Турци, Срби. Едноличноста на владеењето веќе 30 години ја уништува општината Куманово.

„Куманово е преполно со диви депонии, Куманово има сообраќаен метеж до невидени размери има тротоари каде што со 20-25 години пешак нема згазнато на нив. Куманово се уште нема вода, пие вода од азбесни цевки. Куманово нема еден парк, односно тие два што ги има се руинирани тотално. Во Куманово нема ГУП веќе 20 години, се што е градено е градено без план. Тоа е страшна работа. Има места каде што пожарна не може да влезе. Нема нови школи, школите се распаднати. Пионерскиот дом е распаднат. Домот на културата се распаѓа. Има еден чир метален што глуми катна гаража и таа е пред Домот на културата и го грди градот. Нема ниту една катна гаража, нема ниту пазарот. Има едно албанско школо во кое што децата учат на булевар без школски двор. Нема албански театар“, појасни Михајловски за недостатоците кои што постојат во општина Куманово.

Михајловски додаде дека треба да се почне од наново да се гради во Куманово. Куманово треба да се гради плански. Куманово 30 години страда од неработата на градоначалниците на СДСМ.