Американскиот претседател Доналд Трамп посакува да се соочи со Опра Винфри во претседателската трка во 2020 година, изјави во понеделникот на Белата куќа, откако на социјалните мрежи доби силна поддршка како потенцијална претседателска кандидатка, а тоа дојде по ангажираниот говор на свеченото доделување на филмските награди Златни глобуси.
„Му се радуваме на секој предизвик, без разлика дали станува збор за Опра Винфри или за кој и да е друг“, изјави портпаролот на Белата куќа, Хоган Гидли за новинарите кои патуваа со авионот „Air Force One“ следејќи го патувањето на претседателот Доналд Трамп за Нешвил.
Телевизијата CNN ја објави вест дека 63-годишната Опра Винфри многу активно размислува за вклучување во претседателската трка, наведувајќи како извор двајца блиски пријатели на популарната телевизиска водителка, актерка, продуцентка и сопственичка на кабелскиот канал OWN.
Винфри во своите претходни јавни истапи изјавуваше дека не мисли да се кандидира за претседателка, но весникот The Los Angeles Times цитираше изјава на неговиот долгогодишен деловен и животен партнер Стедман Греам според која таа „тоа сосема сигурно би го сторила“.
За само 24 часа по нејзиниот деветминутен говор во текот на кој двапати беше прекинувана со овации, на социјалните мрежи се појавија повеќе од 220.000 пораки во коишто се споменуваат термините „Опра“ и „претседател“.
Опра Винфри веќе подолг период е поврзана со политичарите од круговите на Демократската партија. Учествуваше во претседателската кампања на Барак Обама во 2008 година, а во 2016 година јавно ја поддржа Хилари Клинтон.
Нејзините силни врски и популарноста меѓу Американците ја прават силен кандидат, а за неа би било многу полесно отколку на другите кандидати да собере суми за претстедателската кампања, којашто, без проблеми би можела да ја финансира и со лични средства.
На пример, магазинот Forbes нејзиното лично богатство го проценува на 3 милијарди долари, што е половина милијарда помалку од сумата на којашто е проценето богатството на актуелниот претседател, кој во претседателската трка потроши вкупно 343 милиони долари, од што 47,5 милиони долари од лични извори.