Дончев изрекетирал 824.000 евра од фирмата „Диамед“, за да и’ плати навреме за услугите

Ден Дончев изрекетирал 824.000 евра од фирмата „Диамед“ само за да им ги врши навремено исплатите коишто законски ѝ следуваат на оваа фирма која се занимавала со дијализа, рече денеска на прес-конференција Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

– 824.000 евра е сумата којашто Ден Дончев ја изрекетирал, потенцирам од фирмата „Диамед“ за истиот Ден Дончев да исполни обврски кои му налага законот како директор на Фондот за здравство. Ова се докази кои веќе се во обвинителството и за кои се води постапка и веќе и јавноста е запознаена преку медиумите, од ова нема бегање. Зошто јавноста откако дозна за овој случај, со право го поврзуваше и Зоран Заев како дел од овој рекет? Затоа што човекот кој ги земал парите од фирмата „Диамед“ и ги разнесувал, бил истиот што е осуден веќе во случајот „Рекет“ 1 каде што ги зема парите во торбата „Луј Витон“. Очигледно главата на октоподот Зоран Заев, еден ист човек користел за собирање на рекетот од бизнисмените – рече Арсовски.

Тој вели дека Ден Дончев и Венко Филипче се обиделе насилно да спречат продажба на фирмата „Диамед“ на странска компанија, бидејќи, како што вели, биле свесни дека нема да можат понатака да рекетираат компанија од ЕУ и ќе бидат разоткриени и ќе одговараат.

– Знаејќи го сето ова Зоран Заев, уште јавно вели дека Ден Дончев се повлекува од приватни семејни причини, бидејќи мора да се сели во Австралија, земјата од каде што дојде да работи тука. Со ова Заев однапред ни најави кој му е следниот планиран чекор на Ден Дончев откако ќе се отворат границите. За овој криминал мора да одговараат и тоа веднаш штом Заев си замине и ги ослободи канџите од правосудството – порача Арсовски.

Јавното Обвинителство потврди дека против Ден Дончев се води истрага и има поднесено кривична пријава.