Дончиќ ептен лесно до дабл-дабл, Лејкерс најдоа лек за Мемфис (ВИДЕО)

Лука Дончиќ уште еднаш потврди дека е еден од најдобрите кошаркари во НБА, откако ноќеска ептен лесно и со многу мајсторски потези дојде до дабл-дабл ефект во триумфот на Далас маверикс против Мајами хит (115-90).

Словенецот средбата ја заврши со 34 поени и 12 скока, а три асистенции му фалеа за да оствари уште еден трипл-дабл. Тој реализира пет тројки со само три промашувања од оваа позиција, доволно „телињата“ да дојдат до скор 25-22 за петто место на Западот.

По вчерашниот блесок со 21 поен во една четвртина, Кајри Ирвинг продолжи да игра перфектно, па со маестрален учинок беше најзаслужен за победата на Бруклин нетс во пресметката со Јута џез (117-106). Фантастичниот плејмејкер средбата ја заврши со 48 поени, што е сезонски рекорд за него, на кои додаде 11 скока и шест асистенции максимално користејќи го просторот поради неиграњето на повредениот Кевин Дурент. Кларксон со 29 поени беше најпрецизен кај „џезерите“. „Мрежичките“ сега се четврти на Истокот со скор 28-17.

ЛА Лејкерс стави крај на серијата од 11 победи по ред на Мемфис гризлис и тоа во ептен драматичен меч кој го добија со 122-121. Расел Вестбрук со 29 поени и шест асистенции беше најдобар кај „езерџиите“, додека гостите ги предводеше Џа Морант со 22 поени и осум асистенции.

РЕЗУЛТАТИ: Орландо – Њу Орлеанс 123-110, Атланта – Њујорк 139-124, Кливленд – Голден Стејт 114-120, Денвер – Индијана 134-111, Далас – Мајами 115-90, С. Антонио – ЛА клиперс 126-131, Јута – Бруклин 106-117, ЛА Лејкерс – Мемфис 122-121, Сакраменто – Оклахома 118-113.