Словенечкиот кошаркар Лука Дончиќ игра уште една неверојатна сезона во НБА лигата и со своите настапи сруши неколку рекорди.
Договор со Далас Дончиќ има до сезоната 2025/2026, но не ја крие желбата да остане во Далас по стапките на Дирк Новицки кој стана вистинска легенда за овој клуб. Сепак, за да остане управата на Далас ќе мора да издвои вистинско богатство.
Според последните информации од САД, Дончиќ ќе стави потпис на договор летото 2025 година и неговата вредност ќе изнесува 350 милиони долари. Согласно колективниот договор, Словенецот со изборот во првата петорка на сезоната на НБА-лигата ќе влезе во групата на самата елита на најсилната лига на светот, што му овозможува да добие максимален можен договор.
Лука беше дел од најдобрата петорка во 2023, а ако тоа биде случај и во 2024 (нешто што се очекува), границата за максимален договор ќе скокне на неверојатни 367 милиони долари.
Во прашање е петгодишен договор и просечна плата од 73.4 милиони долари по сезона што е значително зголемување во однос на сегашната плата. Сезонава Дончиќ ќе заработи над 41 милион долари.