Еврокомесарот за соработка и развој, Невен Мимица, денеска потпиша помош од дополнителни 50 милиони евра за хуманитарни и развојни проекти во Нигерија.
-Договорот потпишан денес ја зголемува нашата помош за Нигерија за 50 милиони евра, што доведува до севкупна помош од ЕУ за земјата од 562 милиони евра за периодот 2014-2020. Оваа дополнителна поддршка ќе се фокусира на североисточниот дел од земјата и ќе помогне да се зајакне закрепнувањето на ранливите заедници во државите Јобе и Борно, изјави Мимица од Токио каде го потпиша договорот.
Проектите кои ќе се поддржат со овој нов пакет финансиска помош се фокусирани на помош за жртвите на насилство и раселените лица во североисточниот дел на Нигерија, како и на спречување и превенција на конфликти и насилен екстремизам.
Освен тоа, ЕУ во Нигерија поддржува низа други проекти за поддршка на здравствениот сектор и исхраната чија цел е намалување на сиромаштијата преку подобро институционално владеење, и подобрување на стапката на преживување на мајките и децата.
ЕУ финансира проекти од областа на одржливиот развој, владеењето на правото и демократијата.
Зголемениот фокус на ЕУ кон ранливите африкански земји има, меѓу другото, за цел да ја намали стапката на економска миграција кон земјите од ЕУ.