Холандската здравствена технолошка компанија „Philips“ (PHG.AS) ќе укине уште 6.000 работни места ширум светот во обидоте да ја врати својата профитабилност и да ја подобри безбедноста на своите производи по отповикувањето на респираторните уреди што уништија 70 отсто од неговата пазарна вредност, известија во понеделникот.
Претходно во октомври од „Philips“ известија дека ќе укинат 4.000 работни места, а во најновиот деловен извештај најавија уште околу 3.000 откази до крајот на оваа 2023 година и уште 3.000 до 2025 година.
Компанијата во четвртото ланско тримесечје работела со нето загуба од 105 милиони евра. Истиот период една година претходно, пак, го заклучила со нето добивка од 151 евра.
Добивката пред каматите, даноците и амортизацијата (EBITA) изнесувала 301 милион евра и е поголема за 31 отсто отколку на крајот од претходната 2021 година. Кога ќе се исклучат трошоците, вклучително и реструктуирањето и резервациите за отпис на респираторите, изнесувала 651 милион евра и се задржала на истото ниво од 2021-ва. Трошоците за реструктуирање и резервација се намалени за 16 отсто, на 350 милиони евра.
Приходот пораснал за 10,2 отсто на 5,4 милијарди евра. Кога ќе се исклучи влијанието на валутните курсеви и промената во системот на групацијата, зголемен е за 3 отсто.
Минатата 2022 година била „многу тешка“ за „Philips“, па управата решила да презема одлучни мерки за „итно“ да го подобри работењето и учинокот, истакна во соопштение извршниот директор Рој Јакобс.
Ситуацијата во синџирот на набавки сѐ уште е „предизвикувачка“, се додава во објавата на управата, истакнувајќи ја послабата побарувачка на производите поврзани со пандемијата на Covid-19. Компанијата, поради тоа, очекува послаб почеток на оваа година, но и постепено подобрување.