Доживотен затвор за сопружници во Калифорнија за држење деца во заточеништво

Калифорниска брачна двојка која ги тепала, со синџири врзувала и ги прегладнувала своите 13 деца во семејниот дом, во петокот е осудена на доживотен затвор со можност казната да им биде ублажена по 25 години, пренесува во саботата агенцијата AFP.

Полицијата ги уапси 57-годишниот Дејвид Ален Тарпин и неговата 50-годишна сопруга Луиз Ен Тарпин од населбата Перис на југот од Калифорница во јануари 2018 година, откако една од ќерките успеала да побегне и се јавила во службите. Пронајдени беа нејзините 12 браќа и сестри, на возраст од 2 до 29 години, во внатрешноста на мрачна куќа со интензивен мирис. Некои од нив биле се синџири врзани за креветите.

Сите деца биле потхранети поради што им е пореметен и физичкиот развој. Немале пристап до нормална исхрана, основна хигиена и лекување, а биле строго казнувани за „прекршоци“, како што се на пример трошење повеќе на водата при миење раце.

Двојката ја призна вината за измачување на сите освен за едно дете, што траело најмалку 9 години. Родителите на Дејвид Тарпин открија за медиумите дека нивниот син и снаата се длабоко религиозни кои ги школувале своите деца во домашни услови и од нив барале напамет да ја научат Библијата.

Децата во текот на судскиот процес открија и дека и натаму ги сакаат мајка си и татко си, иако ги злоставувале, што им го простиле, пренесува во саботата BBC.

„Иако тоа можеби не бил најдобриот начин да нѐ воспитуваат, мило ми е што тоа така го правеа бидејќи тоа ме направи личност којашто сум денеска“, рекло едно од децата.

Двојката плачела додека ги слушала сведоштвата на децата во петокот. Таткото истакнал дека неговата „дисциплина и образование дома имале добри намери“. „Немав намери да им наштетам на своите деца. Ги сакам и верувам дека и тие мене ме сакаат“, рекол.

Судијата истакнал дека можноста за ублажување на казната им ја дал „само затоа што ја преземаа одговорноста во раната фаза од процесот“.