Шпанскиот премиер Предро Санчез ја предупреди јавноста во Шпанија дека заканата од поплави не поминала и дека предупредувањата остануваат на сила.
Санчез ги предупреди граѓаните на загрозените области Валенсија и Кастелон да не ги напуштаат своите куќи. Во меѓувреме, бројот на жртвите од катастрофалните поплави се искачи на 158, од кои 155 лица загинаа во регионот на Валенсија.
Премиерот додаде дека граѓаните мора да ги следат упатствата на итните служби.
Карлос Мазон, претседателот на владата на регионот Валенсија, рече дека се мобилизирани „огромно количество ресурси и персонал“: 1.110 членови на UME, 1.800 национални полицајци, 200 војници и 759 членови на Цивилната гарда.
„Нема да ги оставиме Валенсијанците сами, ќе бидеме со нив со сите расположливи ресурси“, додаде тој.
Спасувачките тимови продолжуваат со потрагата по тела во затрупаните возила, меѓу калливите урнатини, во поплавените подруми и оштетените згради, додека преживеаните се обидуваат да ги обноват своите животи по големите поплави во Шпанија што однесоа најмалку 158 животи, вклучувајќи 155 во Валенсија, два во Кастилја-Ла Манча и еден во Малага.
Најголем број жртви има во Паипорта, заедница со 25.000 жители во близина на Валенсија, каде градоначалничката Марибел Албалат изјави дека загинале 62 лица.
Непознат број луѓе се уште се водат како исчезнати, а можно е да има и повеќе жртви. Во општина Летур во Албашете трагаат по пет лица. Штетите се огромни, илјадници возила се уништени, патишта блокирани и областите изолирани од вода, кал и одрони.
Владата мобилизираше повеќе од 1.200 членови на Министерството за одбрана, армиските единици за итни случаи и единиците на шпанските вооружени сили да помогнат во спасувањето и чистењето на големиот број погодени области, особено во Валенсија и Кастиља-Ла Манча.
Многу општински центри се без вода за пиење, а околу 75.000 луѓе во провинцијата Валенсија се без струја поради невремето.
Националната полиција уапси 39 лица за ограбување продавници во областите погодени од невремето, за кои обвинителството во Валенсија бара превентивен притвор.
Црвеното ниво на предупредување за дождови во Кастелон заврши и се промени на портокалово ниво долж целиот брег и во јужниот дел од внатрешноста на регионот, каде што нивото на реките и потоци се зголемува, како што е Рамбла Сервера, која сега има проток од 50 кубни метри во секунда.
Каталонските власти испратија предупредување преку мобилните телефони со наредба за ограничување на движењето и преземање дополнителни мерки на претпазливост во областите Баис Ебре, Монтсија, Тера Алта и Рибера д’Ебре, во регионот Ебро.