Дресот „Божјата рака“ на Марадона продаден за рекордна сума

Дресот во кој аргентинскиот фудбалски ас и еден од најдобрите играчи во историјата на оваа игра Армандо Диего Марадона ги постигна своите два најпознати погодоци е продаден на анонимен купувач за 8,93 милиони долари, што претставува нов рекорд некогаш платен за парче спортски спомен.

Марадона, кој почина во ноември 2020 година на 60-годишна возраст, тој дрес го носеше во четвртфиналето на Светското првенство во 1986 година во Мексикот против Англија и во него ги постигна двата гола коишто ја одбележаа неговата кариера. Аргентина славеше со 2:1.

Марадона за водството од 1:0 во 51 минута го „натскока“ англискиот голамн Питер Шилтон и со подигната рака над главата го постигна голот. Тунискиот судија Али Бин Насер без размислување покажа на центарот, Англичаните се бунеа, но одлуката остана непроменето.

„Ја удрив топката малку со глава, а малку со помош на Божјата рака“, рече подоцна Марадона.

Четири минути подоцна Марадона го постигна еден од најубавите погодоци на сите времиња. Ја зема топката на својата половина, а тогаш нанижа четири противнички играчи и голманот. Неверојатниот гол подоцна беше прогласен за „гол на векот“. Гари Линекер во самиот финиш успеа да го намали резулатот, а Аргентина потоа дијде до својата втора титула светски првак.

Играчот од средниот ред на англиската селекција Стив Хоџ го доби дресот на Марадона по натпреварот и минатиот месец најави дека го става на аукција откако 19 години беше изложен во Англискиот национален музеј на фудбалот во Манчестер.

„Оваа историска маичка е опоплив потсетник на важен момент не само во историјата на спортот, туку и во историјата на XX век“, изјави Брем Вочтер, шеф на одделот за модерни колекционерски предмети во аукциската куќа Sotheby’s.

Ќерката и поранешната сопруга на Марадона тврдеа дека Ходџ го добил дресот кој Аргентинецот го носел во првото полувреме, но во аукциската куќа тоа го демантираа велејќи дека имаат фотографии коишто ја докажуваат автентичноста на дресот од второто полувреме.

Крајната цена ги надминува досегашниот рекорд за дресот на познатиот бејзбол играч Бејб Рут кој во 2019 година беше продаден за 6,64 милиони долари. Играчот го носел минатиот век, од 1928 до 1930 година, кога настапувал за Њујорк Јенкис.

Дресот на Марадона, исто така, ја надмина досегашната рекордна сума за некој спортски сувенир од 8,8 милиони долари платен за оригкиналниот ракопис на Олимпискиот манифест од 1892 година.