Во рамките на засилените активности за спречување и контрола на загадувањето на амбиенталниот воздух Државниот Инспекторат за животна средина на ден 01.12.2017г. изврши вонреден инспекциски надзор кај правниот субјект Депонија за комунален отпад Дрисла во селото Батинци, во општина Студеничани.
Според информацијата за извршен надзор на ДИЖС, ДПКО Дрисла-Скопје од октомври 2013 поседува измена на А-Дозволата за усогласување со оперативен план.
При инспекциски надзор на инсинераторот за согорување на медицински отпад, истиот не бил во работен процес. Инаку, тој работи секојдневно во две смени со капацитет од 250кг./час., односно 3 тона на ден. ДПКО Дрисла-Скопје, согласно дозволата врши месечни мерење на емисија на гасови од емитерот/оџакот на инсинераторот од страна на акредитираната лабораторија за животна средина Технолаб за што се изработени месечни Извештаи.
Од добиените резултати од мерењата на емисија на загадувачки супстанции во воздухот од печката за спалување на медицински отпад, за месеците септември-октомври е евидентирано надминување согласно Правилникот на граничните вредности за параметрите односно просечните концентрации на јаглероден моноксид, сулфур двооксид и прашина. Поради ова надминување и повреда на законска одредба, ДИЖС поведе постапка која е согласно Законот за квалитет на амбиентниот воздух, односно Законот за животната средина за правното лице, а Записникот е потпишан и прифатена е спогодбата која понатаму ќе ја води Комисијата за спогодување при Министерството за животна средина и просторно планирање.
ДИЖС во инспекциска постапка, исто така, изготви и Решение за ограничување на работата на инсенераторот за медицински отпад од само 8 часа во периодпомеѓу 7 и 19 часот и целосна забрана за работата на печката за согорување на медицински отпад кога се надминати праговите на алармирање на загадување на град Скопје за мерна станица Лисиче.
Инаку ДПКО Дрисла покрај мониторингот од страна на Технолаб има поставено и сопствена помала автоматска станица за мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух, а резултатите од мониторингот се објавуваат на Интернет страницата на правниот субјект Дрисла. Од 2016г. за сопствени потреби Дрисла врши мерење на јонизирачко зрачење (радиоактивност) на отпадот што влегува и на разни делови на самата депонија. Записите за мерењата укажуваат дека мерењата се вршени на целата површина на депонијата Дрисла почнувајќи од влезот каде им се врши мерења за јонизирачки зрачење на одредени возила кои носат отпад, па завршувајќи на самото тло на депонијата каде е депониран отпадот. За извршените мерења ДРИСЛА-СКОПЈЕ ДОО води дневник за интерни потреба за јонизирачките мерења и истиот е достапен за увид на надлежните институции. Радијациона сигурност е во надлежност на Дирекцијата за радијациона сигурност.
При надзорот констатирано е дека на депонијата се носат и одредени количини празни канистри од компанијата Кемет електроникс од ТИРЗ-Бунарџик. Истите се уништуваат со компактирање во телото на депонијата. Во одредена полузатворена просторија во кругот на депонијата организирано е собирно место за отпадни масла, веднаш до сервисот за механизацијата на правниот субјект и истите се собираат во метални буриња, а потекнуваат од сервисирање на сопствената механизација. Собраното отпадно масло се предава на Аутохаус-Заковски, Скопје, компанија овластена од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање.