Друловиќ: Одредени играчи не одиграа на своето ниво, следува напорна работа

Македонскиот селектор Љубинко Друловиќ не го криеше разочарувањето што нашиот национален тим прерано прими два гола и го загуби натпреварот во Словачка. Незадоволен од изданието во првите 45 минути, тој го потенцираше напредокот во второто полувреме што сепак беше недоволен за да се стигне до позитивен резултат на ова тешко гостување.

“Кога ќе се прими гол во првите десет минути, а потоа и втор погодок наивно по наши грешки, тогаш многу е тешко да се вратите во натпреварот, особено кога за противник на гостински терен ја имате селекцијата на Словачка, која игра одлично и има шест победи од шест натпревари во овие квалификации. Мислам дека првиот примен гол ја растури нашата замисла, се обидовме да се вратиме, но во првото полувреме не бевме селекција каква што јас посакувам да биде Македонија. Се обидов со Трајковски како најистурен напаѓач сакајќи да ја искористиме неговата брзина, но не успеавме преку Муарем, Ибраими и Хасани да му создадеме можност за тој да ги покаже своите квалитети. Во второто полувреме покажавме дека можеме да се надигруваме, постигнавме и погодок и до крајот мечот беше неизвесен, иако во финишот го загубивме и Хасани поради црвен картон” – изјави македонскиот селектор на прес-конференцијата по натпреварот.

Друловиќ е свесен дека му претстои многу работа за националниот тим да почне да бележи добри резултати во периодот што следи и конечно да се најде излез од големата криза.

“Им го кажав тоа и на фудбалерите веднаш по мечот, пред се мораме да бидеме максимално физички подготвени за да можеме да се спротивставиме на една Словачка, која покажува дека е селекција при самиот врв на европскиот фудбал. Јасно е дека ни претстои многу работа и свесен сум дека одредени играчи денеска не одиграа на нивото на кое сум сигурен дека можат и ќе се трудиме во иднина да биде многу подобро. Дебитирав со пораз, но искрено се надевам дека до крајот на овие квалификации ќе дојдат и многу подобри резултати, а за тоа треба навистина многу да работиме” – заклучи Друловиќ.

Извор: Екипа