Државата за 15 милиони евра купува метли од фирма на вицепремиерот Анѓушев

Додека премиерот Зоран Заев најавува метла за министри и владини функционери, вицепремиерот Кочо Анѓушев профитира продавајќи им на јавните претпријатија електрични метларки произведени во неговата приватна фабрика „Брако“, открива истражувањето на Економски Лидер за јавните набавки на фирмата на вице-премиерот.

Три комунални претпријатија од три општини: Штип, Радовиш и Центар – синхронизирано кон крајот на минатата година распишале јавни набавки и набавиле машини за метење на јавните површини, пишува порталот Лидер.

Во написот се истакнува дека ЈП Исар – Штип”, ЈП за комунални дејности “Плавија” Радовиш и Паркинзи на Општина Центар, во истиот период, од 2.10.2018 до 25.12.2018 склучиле договори со вкупна вредност од 10.263.815 денари (166.829 евра) со една иста компанија,”САНДРА-М Љупчо ДООЕЛ експорт-импорт Кавадарци”, за набаввка на електрична метларка од брендот “Green Machines” кој е производ на фабриката “БРАКО Велес”, којашто, пак, е во сопственост на вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Од истата компанија, електрични метларка во мај годинава набавиле и од ЈП “Водовод” Кочани, но договорот не е сеуште јавно објавен, а како што велат од службата на претпријатието, за една метларка потрошиле околу 4.5 милиони денари, односно околу 73.000 евра. Ова значи дека за метларките на Анѓушев државата вкупно потрошила околу 15 милиони денари или нешто над 240.000 евра.

Набавката е извршена преку фирма од Кавадарци, зад машините стои Анѓушев!

Градоначалниците и директорите на јавните претпријатија кои ги набавиле елткричните метли, јавно се пофалија со новите софистицирани машини, со кои ќе се чистат јавните површини, без притоа да откријат од каде се набавуваат и кој е нивниот производител.

Градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, дури и се фотографираше со електричната метла пред која држеше прес конференција.

Симптоматично е тоа што буквално сите јацни претпријатија набавиле опрема за метење на улиците од компанијата “САНДРА-М Љупчо ДООЕЛ експорт-импорт Кавадарци”, која не е сопственост на Анѓушев, но, е дистрибутер на овие машини кои ги произведува фабриката во која е сопственик, БРАКО Велес.

На официјалната веб страница на фабриката на Анѓушев (линк), може да се види дека токму БРАКО е производител на Грин Машинс и тоа уште од 2016. Во описот на производот, стои дека се работи за австриски производ, кој по лициенца го произведува токму Брако на Анѓушев.

„Машините се специјализирани за метење на надворешни површини во кругот на пешачки зони, плочници, улици, трговски центри како и останати тешко достапни места за поголеми стандардни улични метачи, познати како Air Sweeper.Познати по својата долговечност и референци на светско ниво, Грин Машинс ( Green Machines )се сигурно исплатлива долгорочна инвестиција“, стои во описот на производот, даден од БРАКО.