Власта да не се однесува како бугарска провинција и да преземе мерки за европратеникот Ангел Џамбаски доколку тој планира провокации на 4 февруари, побара поранешниот шеф на дипломатијата Никола Димитров во „Утринска“ на Телма.
– Тоа се територијални претензии и мора да се однесуваме како држава, а не како бугарска провинција и апсолутно целосно легитимно е да преземеме мерки, но сè потекнува од првото – да се соочиме дека ќе има проблеми со Бугарија ако се преправаме дека не постојат – искоментира Димитров.
Да се разбудиме од оваа паника и автоцензура
Тој ја искритикува власта дека секое утре се буди со извинување кон Бугарија.
– Нас ни треба пред сè да избегаме од оваа панична автоцензура, во која ќе треба денот да го започнуваме со извинување кон Софија, Треба да се смириме, да седнеме широко и да видиме како да излеземе од овој чвор. Немаме правна гаранција дека ова воопшто води кон ЕУ, нека влезе некој европски олеснувач да седне со историчарите, ако Бугарија има црно на бело дека ние сме вештачки (вештачка нација), па Берлин и Париз нека дадат свои официјални изјави дека се радуваат дека еден ден македонскиот јазик ќе стане дел од ЕУ. Ова со амандманите е врзано со негацијата, да разговараме и за Бугарите во Уставот, но да влезе во сила кога ќе станеме членка во Брисел – нафрлуваше Димитров.