Државниот врв на Хрватска присуствувал на „Адрија-тур“, ќе одат ли во карантин?!

На турнирот „Адрија-тур“ што во организација на Новак Ѓоковиќ се одржа и во Задар, заедно со бугарската тениска ѕвезда Григор Димитров кој вчера објави дека е позитивниот тест на коронавирус, биле присутни и актуелниот премиер Андреј Пленковиќ, како и поранешната претседателка и идна членка на Извршниот Комитет на Интернационалниот Олимписки Комитет (ИОК), Колинда Грабар Китаровиќ, која била заедно со сопругот.

Сега во Хрватска се стравува дека премиерот на државата може да заврши во изолација, а стравуваат и да не „закачи“ Ковид-19, зашто тој имал низа контакти со тенисерите, а тие постојано биле со Димитров и постои веројатност индиректно да се пренела заразата.

Наводно, како што објавуваат хрватските медиуми Пленковиќ и Китаровиќ немале директен контакт со Димитров, но стравувањата се дека сепак има сериозен ризик од зараза. Тениските ѕвезди во Задар веќе најавија дека ќе се тестираат во Институтот за јавно здравје во овој град, кој е во паника дека може да биде епицентар на заразата после овој настан.