Во пресрет на Денот на независноста „8 Септември“, Музејот на македонската борба за самостојност денеска со мултимедијален настан „Државотворниот печат“ одбележа 75 години од Првото заседание на АСНОМ.
Заседанието на кое се темели современата држава го „оживеаја“ ученици од МБУЦ „Илија Николовски-Луј“ кои перформансот го изведоа пред дел од постојаната музејска поставка што ги прикажува членовите на Президиумот. „Да е жива нашата мила федерална држава“ – се слушнаа зборовите на Панко Брашнаров, најстариот делегат на тој историски настан од 2 август 1944 во манастирот „Прохор Пчињски“.
Покрај перформанс, настанот опфати и филм посветен на АСНОМ и македонската држава во повоениот период, презентација на оригинални записници од сите седници на Заседанието во 1944 и 1945, настап на ансамблот „Македонија“, а Декларацијата за независност од 1991 година, која стои во холот на Музејот, сега првпат е достапна и на Брајово писмо.
Директорката на Музејот Даниела Николова истакна дека Првото заседание на АСНОМ е еден од стожерите врз кои почива денешната државност, а нивната установа, рече, ќе продолжи систематски да истражува, собира, заштитува и промовира музејски материјали поврзани со АСНОМ.
-Втемелен на историските традиции на првиот Илинден – востанието од 1903 година, Илинден АСНОМ даде конечен државотворен печат на идејата за самостојна македонска држава. Држава по мерка на човекот со вековна мечта за слобода и правда. Седумдесет и пет години подоцна, задача на денешната македонска држава е и натаму да ги штити и негува идеалите на генерациите кои се вложиле во нејзината слобода и независност, рече Николова.
Д-р Наталија Поповска од Институтот за национална историја посочи на значајните државно-конститутивни акти на Заседанието кои, рече, се изворот на нашиот државно-правен субјективитет. Меѓу нив ја издвои Декларацијата за основните права на граѓаните на демократска Македонија зашто ја покажува високата демократска свест и визионерството на делегатите, на што и денес, како што рече, може да позавидат некои држави.
-Суштината на оваа декларација е што ги признава, ги поддржува и ги уважува општоприфатените човекови права на граѓаните и ја укинува дискриминацијата од секаков вид, гарантирајќи ја еднаквоста меѓу луѓето. Тоа значи дека основните АСНОМ-ски начела за човековите права биле во согласност со Декларацијата за човековите права на Обединетите нации, донесена нешто подоцна, во 1948 година, рече Поповска.
Додаде дека одлуките на АСНОМ и првиот Устав на НРМ од 1946 е правна основа за враќање на суверенитетот на Република Македонија по распадот на СФРЈ, што е потврдено со референдумот за независност и усвојувањето на Уставот во 1991 година.
Со „Државотворниот печат“ Музејот на македонската борба за самостојност отвора серија настани – изложби, промоции, трибини со кои ќе ги одбележува најзначајните датуми од македонската историја, пред се тие што се поврзани со Втората светска војна и победата над фашизмот.