Бројката од околу 50 илјади гласови кои, според проценките на ДУИ токму тие ги обезбедиле на контото на кандидатот на владејачката коалиција, Стево Пендаровски очекуваат да порасне на 80 илјади гласови.
Претседателот на изборниот штаб за поддршка на Пендаровски, Изет Меџити е уверен дека во вториот круг од претседателските избори на 5-ти мај поддржувачите на интегративците ќе дадат поголема поддржка за Пендаровски благодарение на нивната поголема активност на терен, но очекуваат и дел од гласовите дадени за Блерим Река да се префрлат кај нивниот консензуален кандидат.
„Околу 25 илјади гласови на ДУИ се прелеала во гласови за Блерим Река. Потребно е време за граѓаните да се навикнат на концептот на консензуалност. И
Албанците не се навикнати во првиот круг да гласаат за кандидат Македонец тоа беше тешкотијата. Но, тоа се гласови на ДУИ и тие гласови во вториот круг без никаква дилема ќе знаат каде да се ориентираат и тие гласови ќе одат на контото на г-динот Пендаровски“, вели Меџити.
ДУИ денеска ги повикаа граѓаните в недела да излезат на гласачките места, бидејќи според нив, бојкотот и’ одговара само на опозицијата односно на ВМРО ДПМНЕ бидејќи на неуспешни избори би значеле нови избори.
„ Бојкотот носи претседателска и парламентарна криза. Бојкотот го ризикува НАТО и Европската Унија. Бојкотот ниту ќе обозможи привремен претседател, ниту ќе казни некоја партија, но ќе поттикне избори“, вели Меџити.
Анализите на резултатите од првиот круг посочуваат дека покрај тоа што СДСМ загуби голем дел од своето гласачкото тело или околу 200 илјади гласови помалку од локалните избори и ДУИ потфрлија во испорака на ветената поддршка. Лошите резултати, аналитичарите ги препишуваат на неуспехот на Владата на СДСМ и ДУИ да ги испорача ветените реформи кон граѓаните пред се во делот на владеење на правото и борбата против корупцијата и криминалот.
Да не се бојкотира, туку масовно да се излезе на гласање повика и кандидатката на ВМРО ДПМНЕ, Гордана Сиљановска Давкова. Таа синоќа од Ѓорче Петров ги повика граѓаните со своето гласање да спречат уставни измени кои ќе значат избор на претседателот на државата во Собранието.
Таа посочи дека е противник на избор на претседател во Собранието појаснувајќи дека во таква ситуација не верува во избор на најдобриот бидејќи, посочи, ќе го договорат.
„Граѓаните се помудри, знаат да направат прав избор и знаат зад кутијата да бидат свои“, нагласи Сиљановска.
Власта веќе најави дека доколку изборите бидат неуспешни можни се две сценарија – нови избори за претседател или уставни измени за отстранување на цензусот или нов модел на бирање на претседателот во Собранието. Премиерот Зоран Заев најави и предвремени парламентарни избори доколку не биде исполнет цензусот од 40 отсто.