ДУИ се обидува да направи раскол во Алтернатива-велат од партијата на Гаши

„По синоќешнатга средба на лидерите Африм Гаши, Биљал Касами и Изет Меџити, факт е дека опозицијата се обединува и дека ДУИ чувствува дека се загрозени нејзините позиции за следните парламентарни избори. Таа партија, која може да се преименува во Соравиа, презема разни мерки и применува разни алатки за да изврши саботажа во нашите опозициски редови“, велат од Алтернатива за МКД.мк. ДУИ применува методи од старата енверистичка матрица, додаваат од Алтернатива и во тој контекст информираат дека на барање на некои членови на партијата лидерот Африм Гаши најави одржување на Централно претседателство.

Oд Алтернатива велат дека дел од членовите на Централното собрание, како и некои други активисти, кои најавиле прес-конференција, побарале од партискиот лидер разрешување на потпретседателите и на генералниот сектретар. Иако за да се расправа за такво барање е потребно да се изјаснат барем една третина од членовите на собранието (кое брои 113 членови) и иако не постои формално поднесено барање, претседателот на партијата Африм Гаши закажал состанок на Централното претседателство за 26 јули. Тогаш ќе се разговара за таа тема и ќе се донесе одлука дали треба да се свика Централно собрание. Од Алтернатива потсетуваат дека потпретседателите и генералниот секретар ги избира и разрешува Централното претседателство.

Гаши притоа напоменал дека е потребно да се разговара и за одговорност на повеќе партиски кадри, особено на шефовите на ограноците, и напоменал дека Алтернатива нема да покрива нечии гревови.

Од Алтернатива ѝ порачуваат на ДУИ дека иако користи стари енверови методи за да саботира состојби во друг двор, дека на следните избори ќе биде поразена. „Тие се во страв по синоќешната средба Гаши, Касами, Меџити, насетуваат пораз и знаат дека доаѓа време кога украдените милиони ќе треба да се враќаат“, соопштуваат од партијата на Африм Гаши.