Дуковски бара да му се укине притворот на Боки 13 поради влошено здравје со можни смртни последици

Адвокатот на Бојан Јовановски, Сашо Дуковски, побара укинување на притворот на Бојан Јовановски и замена со друга мерка, бидејќи неговата здравствена состојба е сериозна влошена и може да има смртна последица. Дуковски до судот достави и медицинска документација во која доктор Зоран Спировски од Клиниката за торакална хирургија дава мислење дека Јовановски мора итно да биде хоспитализиран.

,,За да не излезе дека плачеме и молиме, сакам да ве запознаам со медицинската белешка. Секој втор ден осомничениот се носи во Клиниката за торакална хирургија за да прима терапија и да се интервенира. Има две неуспешни операции и додека е во притвор има големи проблеми. Докторот кој го третира осомничениот ми издаде негов став, а тој предлага неопходна хоспитализација. Може да се случи смртна последица. Професор доктор Спировски Зоран издаде мислење. Поевтино е да биде хоспитализиран, отколку секој ден да го носат на клиника”, рече Дуковски.
Боки 13 во неговото обраќање пред судот најмногу се осврна токму на здравствената состојба.

„Покрај ова што го наведов за двете неуспешни операции со лекарска грешка е утврдено дека нерв од желудникот ми е пресечен, утврдено е и дека имам некаков проблем со белите дробови. Имам и 4 дијагнози утврдени кои се однесуваат на кичмениот дел. По многу од укажаните упатства на лекарот за примање терапија, условите каде се наоѓам не го дозволуваат тоа. Она со што сакам да ве запознаам е дека тоа што немам физички проблем и што можеби изгледам добро не ја отсликува мојата здравствена состојба која е живогнозсгрозувачка. Јас во оваа постапка треба да бидам жив и здрав, а не мртов – рече Боки 13 во Апелацискиот суд во Скопје, каде на јавна седница бараше да му се укине притворот како првоосомничен во случајот Рекет.

„Овие решенија за притвор се во спротивност на праксата на Стразбург. Решението донесено во фаза на истрага, со образложението укажува на тоа дека е виновен за сѐ. Тие велат ‘начинот на извршување на кривично дело’, кажувајќи го во минато време, како да е завршено. Велат ‘степенот на кривична одговорност’, ‘соочување со реална можност за изрекување казна затвор’ – тие веќе го осудија. Ова не се основи. Ние сме сигурни дека обвинетиот нема да се даде во бегство, судот може да примени превентивна мерка. Не може Кривичен совет да се вклучува во кривична одговорност. Советот испитува морив во фаза на истрага. Тогаш не треба судење. Притворот треба да биде најкраток. Имаме завршена истрага и во таква фаза, само во исклучителни случаи може да биде продолжена. Неосновани се ставовите на кривичниот совет”, рече Сашо Дуковски.