Забраните што грчката Влада ги воведе за лицата кои не се вакцинирани, според 54 отсто од Грците кои биле анкетирани во истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Алко“ за телевизијата „Open“, се неопходни, додека, пак, речиси четири од десет анкетирани, односно 39 проценти сметаат дека е неоправдана поделбата на општеството, јави дописничката на МИА од Атина.
На политичката сцена во Грција, на две години по изборите и победата на Нова демократија, испитаниците изразиле незадоволство и од Владата и од најголемата опозициска партија СИРИЗА.
Поконкретно, од анкетираните, 56 проценти се (малку или воопшто) незадоволни од Владата, а 41 отсто се (многу или доста) задоволни.
Од друга страна, од СИРИЗА, задоволни (многу или доста) се само 22 проценти, а 73 отсто се (малку или воопшто) незадоволни.
Во периодот кога била спроведена анкетата, владејачката Нова демократија е со 12,8 отсто во предност пред СИРИЗА, а потоа следат Движење на промена, Комунистичката парија, Грчко решение и МЕРА25.
Истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Алко“ за телевизијата „Open“, било спроведено од 12 до 17 јули со анкетирани 1.000 лица.