Дутерте со апсења им се заканува на невакцинираните Филипинци

Филипинскиот претседател Родриго Дутерте се закани во четвртокот дека невакцинираните ќе бидат апсени доколку се оглушат на наредбата да останат во домот откако Филипини го потврдија највисокиот број заразени во последните три месеца.

Во телевизиското обраќање до нацијата, Дутерте порача дека бара од водачите на заедниците да ги побараат невакцинираните лица и да осигураат тие да не излегуваат од нивните домови.

„Доколку се оглуши, доколку излегува од куќата и се движи во заедницата, дозволено е да биде запрен. Доколку не послушаат, капетанот сега е овластен да ги уапси непослушните лица“, порача Дутерте.

Дневниот број на коронаинфекциите на Филипини е највисок по 26-ти септември со 17.220 нови случаи во четвртокот, објави министерството за здравство, појаснувајќи дека во оваа бројка се вклучени и заразите со омикрон варијантата на коронавирусот. Филипини досега идентификуваа 43 домашни и увезени случаи на омикрон, па владата реши да воведе посторги мерки.

Бројката, којашто е повеќе од трипати поголема отколку во вторникот, го доведе вкупниот број на заразите на повеќе од 2,88 милиони, а починати се досега повеќе од 51.700 луѓе, што е вториот најголем број на заразени и починати од Covid-19 во југоисточна Азија по Индонезија.

„Одговорен сум за сигурноста и добросостојбата на секој Филипинец“, рече Дутерте.

До крајот на 2021 година целосно се вакцинирани 49,8 милиони од вкупно 110 милиони Филипинци, односно 45 отсто. Невакцинираните лица кои живеат во главниот град Манила смеат да излезат од своите домови само поради неопходни причини.

Дутерте е познат по неговата воинствена реторика. На оние кои одбиваа да се вакцинираат минатата година им се закануваше со затвор или со давање „ивермектин“, антипаразитски лек кој се употребува во ветерината, но на почетокот од пандемијата се користеше против коронавирусот ширум светот сѐ додека владите не го забранија за користење кај луѓето.

Последната изјава на Дутерте се смета за одраз на загриженоста на филипинските власти, бидејќи здравствените власти предупредуваат дека растот на заразите со Covid-19 повторно ќе го оптовари здравствениот систем во земјата.