Двајца кениски свештеници беа изведени во вторникот пред суд под обвинение дека се вмешани во смртта на најмалку 109 луѓе во шумата на југоистокот на Кенија.
Самопрогласениот свештеник на Меѓународната црква на радосната вест (Good News International Church), Пол Нтенеге Мекензи, излезе пред судот во градот Малинди со уште осуммина сообвинети. Обвинет е дека ги поттикнал со своите следбеници да се изгладнуваат до смрт во блиската шума Шакахола „за да се сретнат со Исус“ и да одат во рајот. Обвинет е за убиства, заговор поради убиства, грабнување поради заточување и свирепо постапување кон деца.
Стотина километри понатаму, еден од најпознатите свештеници во Кенија, Езекиел Одеро, во вторникот, исто така, ќе биде изведен пред судот во Момбаси, каде што е префрлен по апсењето на Малинди минатиот четврток. Судот ќе решава по барањето на обвинителството да биде задржан во 30-дневен притвор за да се спроведи истрага за неговата можна вмешаност во „масакрот во шумата во Шакахола“.
Откривањето на повеќе од стотина човечки тела, повеќето на деца, во шумата крај Шахола со седмици ја потресува Кеинија. Билансот на жртвите сѐ уште е привремен, бидејќи не е завршена потрагата по масивните гробници во таа шума каде што следбениците на „свештеникот“ Мекензи го следеле неговите упатства да постат до смрт во очекувањето на доаѓањето на Исус. Првите обдукции во понеделникот, извршени на десетина тела, покажале и дека две лица биле задушени.
Апсењето на богатиот и славен телевизиски евангелист Езекиел Одери отвори нова трага во случајот. Сите жртви можеби не биле припадници на оваа секташка црква Меѓународната црква на радосната вест. Одеро, имено, ја води сектата којашто се нарекува Црква за молитва и Црвка на Новиот живот. Под истрага е за убиства, потпомагање на самоубиства, грабнувања, радикализација, злосторство против човечноста, свирепо однесување кон деца и измами и перење пари.
Полицијата утврдила дека неколку убиства се случиле во пошироката област во којашто дејствува Црквата на Новиот живот, во Мавуени, недалеку од Малинди, според обвинителството.
Скандалот одново ја заживее жестоката дискусија за регулирање на сектите во Кенија, мнозински христијанска африканска земја, во којашто дејствуваат речиси 4.000 „цркви“, според официјалните податоци. Досегашните обиди за регулација на оваа тема наидоа на силен отпор во името на „верските слободи“.
Кенискиот претседател Вилијам Руто вети дека ќе преземе мерки против оние коишто ја користат религијата за да промовираат „сомнителна и неприфатлива идеологија“, споредувајќи ги со терористите. Оваа седмица ќе започне со работа и претседателската работна група посветена на тоа прашање, според министерот за внатрешни работи Китуре Киндики.
Властите се под критика и бидејќи не го спречиле дејствувањето на Пол Нтенге Мекензи кој неколкупати бил уапсен за екстремни проповеди. Според локалните медиуми, Мекензи Нтенге бил уапсен и во март, откако две деца починале од глад, но потоа бил пуштен на слобода со кауција.