Двајца полициски функционери приведени, осомничени за „оддавање службена тајна“ за аферата „Рекет во РЕК Битола“

Александар Јанев, поранешен началник за оранизиран криминал во Министерството за внатрешни работи во време на техничката влада и Илија Чалшев Менис, полициски инспектор за организиран кримал се осомничени и приведени поради наводно „оддавање службена тајна“ во случајот што го обелодени опозициската ВМРО-ДПМНЕ за рекетот во Рударско енергетскиот комбината (РЕК) Битола, а во кој како што обвини партијата е вмешан Вице Заев, братот на премиерот Зоран Заев, дознава Плусинфо.

Вице Заев, наводно, како што тврди ВМРО-ДПМНЕ барал рекет во вредност од 250.000 евра од битолска компанијата „Рубитон“ која добила тендер за ископ на јаглен.

Во петокот попладнето, како што дознава Плусинфо, извршен е претрес во домовите на осомничените функционери од Министерството за внатрешни работи при што нивните семејства биле принудени да излезат надвор од своите домови додека траел претресот.

Од Плусинфо побарале потврда од МВР за приведувањата, но сѐ уште не добиле  официјална информација.

Случајот во Министерството за внатрешни работи го пријавиле ошетените сопственици на компанијата, но според тврдењата на опозициската партија, во пријавата мистериозно исчезнало името на Вице Заев, осомничен за рекетот.

Според ВМРО-ДПМНЕ, наводно во времето на Васко Ковачевски власта вршела притисок и закани врз бизнисмените, сопственици на компанијата „Рубитон“, за да ја отстапат работата за ископ на јаловина која ја добиле на тендер во корист на СВ Инвест или да дадат 250.000 евра во кеш на Вице Заев, во хотелот „Вила парк“ во Струмица.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, во четвртокот достави до Обвинителството за оранизиран криминал документи со коишто, според него, се докажува криминалот со државни тендери во РЕК Битола во времето на Васко Ковачевски, но и притисокот и заканите што ги вршел Вице Заев врз бизнисмените Васко Василев и Јани Радивчев, сопственици на „Рубитон“.