Двајца тинејџери загинати во несреќата на белгиското рели Кондроз-Уи во близина на градот Ванзе кога еден од возачите излетал од патеката и удрил во група гледачи.
Несреќата се случила кога автомобилот „шкода фабија Р5“ во кој се наоѓал екипажот Емерик Рари и Фабрис Анри излетал од патеката и удрил во гледачите. Притоа загинале 16-годишна девојка и 18-годишно момче, а уште 11 лица се повредени.
Никој од повредените не е во критична состојба. Возачот и неговиот совозач, исто така, се префрлени во болница, но не се потешко повредени и полицијата допрва треба да ги испита. Обвинителството ги истражува околностите за несреќата. Возилото, исто така, ќе биде вештачено, но се претпоставува дека трагедијата е резултат на лошите временски услови и лизгавата подлога на патеката.
„Автомобилот удрил во мал ѕид, се превртел настрана и потоа удрил во група гледачи кои биле во забранетата зона“, објавија организаторите на релито.
Меѓутоа, обвинителството истакнува дека засега не е јасно дали загинатите се наоѓале во просторот кој бил забранет за гледачите.
Автомобилот застана во двориштето на соседот, изјавил очевидец за белгиската телевизија. На местото на несреќата пристигнале противпожарни и возила на итната медицинска помош, а потоа во болницата во Уи, во валонскиот дел на Белгија, бил формиран кризен центар.
Организаторите на трката веднаш запреле 17 брзински тестови и ка ја откажале последната делница од релито. Нема да има подиум, ниту доделувања на наградите.
Ова не е првата смртоносна несреќа во тек на релито Кондрос-Уи. Пред четири години во излетување на автомобилот загина 52-годишниот возач Рик Ванлесен.
Белгиските медиуми потсетуваат и дека во 2011 година смртно настрадале двајца гледачи, откако автомобили се забил во мост по што тешки камења се урнале во публиката усмртувајќи две лица, А пред 19 години на истото рели загинало и 14-годишно момче.