Двајца загинати и пет исчезнати во судир на глисер и туристички брод на Дунав во Унгарија

Две лица ги загубија животите а уште пет други се водат како исчезнати од саботата доцна вечерта кога мал глисер и брод за крстосување се судрија на Дунав северно од Будимпешта, соопшти во неделата унгарската полиција.

Телото на возрасен маж е пронајдено во близина на местото на несреќата, телото на жена понатаму низводно, а службите за итна помош сѐ уште трагаат по петтемина счезнати.

Портпаролот на полицијата во Будимпешта, Сома Чечи, изјави дека во моментот на судирот на глисерот имало осум возрасни лица. Несреќата била пријавена во саботата вечерта, откако полицијата разговарала со маж со раскрвавена глава на брегот во близина на градот Верока, 55 километри северно од престолнината Будимпешта.

Тело на мажот е пронајдено јужно од Верока, а телото на жената е пронајдено низводно, во близина на мост во северното предградие на Будимпешта, каде што полицијата пронашла и оштетен глисер. Против непознатиот сторител полицијата отвори истрага за да ја открие причината за несреќата.

„Во моментот на несреќата во реонот се наоѓал брод за крстарење кој застанал во градот Комар, каде што полицијата утврдила дека е оштетен од едната страна“, изјави Чечи.

Унгарските медиуми објавија фотографии од вкотвениот туристички крстосувач „Heidelberg” кој плови под швајцарско знаме. Засега не се знае колку патници имало на пловилото и од кои земји.