Два гола на Икарди за гостинска победа на ПСЖ

Во последниот натпревар од петтото коло на француското фудбалско првенство, актуелниот првак Пари Сен Жермен на гостувањето кај Ремс победи со 2:0, а двоен стрелец беше Аргентинецот Мауро Икарди.

ПСЖ рутински стаса до третата победа оваа сезона. Парижаните повторно прикажаа осредна игра, но разликата во квалитетот сепак беше преголема за играчите на Ремс да можат да сторат нешто повеќе. Икарди првиот гол го постигна уште во 9 минута, а победата ја потврди во 62 минута. Домашните минута претходно имаа колосална шанса да израмнат, но Диа ја погоди стативата.

ПСЖ со 9 бодови е на седмото место на табелата, додека Ремс е претпоследен 19-ти со само еден бод.

Полуфиналистот од Лигата на шампионите, Олимпик Лион продолжува со лошите резултати на отворањето на сезоната одигрувајќи 1:1 на гостувањето кај Лориен и по пет кола има само една победа и е на 11-то место. Лориен собра 4 бодови за 16-то место. Домашните поведоа во 63 минута преку Јоан Висе, а израмни Леон Дубоа во 74 минута.

Во претходно одиграниот натпревар Монако, го совлада Стразбур со 3:2, иако повеќе од 20 минути играше со два играча помалку. Монако имаше водства од 2:0 и 3:1, но на крајот одвај ја задржа победата.

Монако поведе во 9 минута со голот на Висам Бен Једер, а во последните моменти од првото полувреме водството го удвои Рубен Агвилар. Мехди Лахири намали во 46 минута, но Бен Једер со вториот погодок на мечот зголеми на 3:1 само седум минути подоцна. Во 55 минута екипата од Кнежевството остана со играч помалку откако Орелјен Тшумени го заработи вториот жолт картон. Уште поголема грешка направи Аксел Диси во 67 минута кога заработи директно исклучување а притоа направи и пенал. Лудовик Ажурке беше сигурен од белата точка, и Стразбур на 20 минути до крајот имаше само гол негатива и два играчи повеќе. Од игра излегоа кај домашните напаѓачите Бен Једер и Фабрегас и беа заменети со одбранбени играчи, па Монако успеа да ја одбрани победата.

Монако е петти на табелата со 10 бодови, а Стразбур го нанижа четвртиот пораз и со само една победа е 18-ти.

Со идентичен резултат Анже го совлада Брест, иако гостите на овој меч беа двапати во водство. Стрелци за Анже беа Тиуб во 21, Траоре во 78 и Фужини во 80 минута, а за гостите Муние во 3 минута од пенал и Шарбоние во 32 минута. Анже дојде до 9 бодови за 8-то место на табелата, а Брест има 6 бодови и е 13-ти.

Бордо и Ница одиграа без голови. Ова беше веќе трето реми за Бордо во пет кола а за Ница прво. Бордо е 12-ти со шест бодови, а Ница со бод повеќе е 10-та.

На табелата водат Рен со 13, Лил има 11, а Сен Етјен, Монпелје, Монако и Ленс со по 10 бодови.