Дваесет водечки инженери починале во Кина во еден месец

Дваесет водечки кинески инженери починале во еден месец, откако властите ги попуштија строгите мерки за справување со епидемијата на Covid-19, пишува изданието South China Morning Post, повикувајќи се на Кинеската академија за инженерство.

Се наведува дека 20 членови на Академијата починале во периодот од 15-ти декември до 4-ти јануари. Во истиот период, истиот показател за истиот период една година претходно изнесувал 16 починати.

Весникот истакнува дека членовите на Академијата имаат привилегии во пружањето медицински услуги. Меѓутоа, поради тешката состојба со инциденцата на заразите во земјата по укинувањето на строгите ограничувања, дојде до оптоварување на кинескиот болнички систем, па ниту за овие привилегирани членови на заедницата не можело да се најдат места во медицинските установи.

На почетокот од декември, под притисокот на меѓународната заедница и мултинационалните компании поради ограничувањата на деловните активности што придонесе за забавување на кинеската економија што имаше одраз и врз слабеењето на глобалните пазари, како и поради масовните протести на граѓаните, властите во Пекинг започнаа со ублажување на строгата политика на „нулта толеранција“ на коронавирусот.

Беа укинати карантинот и ограничувањата на движењата и на патувањата, масовните и чести тестирања, по што беше забележано нагло ширење на коронаворусот во земјата, а Кина престана со објавувањето на извештаите за заразени и смртни исходи од Covid-19.

Според кинеските здравствени стручњаци, станува збор за ослабени соеви на Covid-19, така што болеста продолжува во бенигна форма, и со мала веројатност за смртен исход.

Но се стравува од експлозија на епидемијата, откако во неделата Државната управа за контрола на миграциите објави дека од денеска значително ги укинува ограничувањата за карантин на границите. Покрај тоа, во Кина во тек е најголемата светска внатрешна миграција по повод со празнувањето на кинеската лунарна Нова година, кога вообичаено се бележат над две милијарди патувања.