Дваесетина полицајци се повреден ноќта кон четвртокот по локално време во судирите со демонстрантите во Мемфис, од кои некои фрлале со камења, откако агентите на шерифската служба застрелале црнец во текот на обидот да го уапсат, соопштија во четвртокот локалните власти.
Најмалку 24 полицајци се повредени во текот на судирите, од кои шестмина се хоспитализирани, изјавил градоначланикот Џим Стрикленд, додавајќи дека се повредени и двајца новинари.
Станува збор за помали повреди, соопшти полицијата, а демонстрантите биле растерани. Нема информации дали некој од цивилите е повреден и дали има уапсени.
Дваесетгодишниот Брендон Вебер бил застрелан откако се забил во полициско возило, кога полициските службеници се обидувале да ги уапсат поради неколку потерници околу 19 часот по локално време во средата во работничкиот кварт Фрајзер, соопшти Истражното биро на сојузната држава Тенеси. Властите не ги соопштија причините за потерниците распишани по него.
Полициските досиеја покажуваат дека Вебер бил апсен пет пати поради кршење на прописите во сообраќајот, како и обвинувања за поседување марихуана и инструменти за консумирање дроги. Исходите на тие апсења не се јасно врз основа на досиејата, пренесуваат американските медиуми. Истражното биро навело дека Вебер носел неозначено оружје кога излегол од возилото.
Малку пред да биде убиен, Вебер на Facebook поставил видео во живо, на коешто се гледа како во автомобилот подготвува и потоа пуши цигара со марихуана. Потоа погледнува преку прозорецот и вели дека гледа полиција. Смешкаќи се погледнува директно кон камерата и вели дека „полицијата ќе мора да го убие“.
Откако се прошириле вестите за неговата смрт, на улиците се собрале околу 300 демонстранти. Некои од нив фрлале камења и ја навредувале полицијата, рекол Стрикленд.