Двајца полицајци кои не биле на должност се претепани во Шуто Оризари, граѓаните мислеле дека се киднапери

Вечерва инцидент во скопската населба Шуто Оризари. Претепани се двајца полициски службеници. Едниот е во животна опасност. Полицајците, кои не биле на должност, со приватен автомобил биле во населбата Шуто Оризари. 

Дел oд присутните граѓани мислеле дека тие се киднапери и почнале тепачка, бидејќи претходно, во истата населба било пријавено дека непознати луѓе, насилно внеле во автомобил женско лице. Тоа во МВР го пријавил, возрасен маж, а му го кажала малолетничка, која посочила дека била сведок на настанот.

По ова се собрала поголема група граѓани и во тој момент наишло возило во кое имало три лица, од кои двајца полициски службеници од Полициската станица Чаир, кои не биле на работа.

Насобраните ги нападнале лицата кои биле во возилото и тие се пренесени во болница за укажување на лекарска помош. Од МВР информираат дека до овој момент нема пријава за исчезната девојка од ниту едно семејство и дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.