Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против Е.Р.(23) и А.Т.(21), двајцата од Скопје, осомничени дека со нож проболе сопственик на кафуле во Драчево и негов пријател, пред осум дена во кафулето. Според ОЈО, двајцата се товарат за кривично дело насилство од чл.386 ст.6 во врска со ст.3 во врска со ст. 1 Од Кривичниот законик.
Според МВР, инцидентот се случил околу 23 часот во кафе бар на улица Иван Хаџи Николов, додека сопственикот Д.С. седел со лицето А.П, а Е.Р. и А.Т. и физички ги нападнале. При тоа на Д.С. и на А.П. им се нанесени и повреди со нож во пределот на градниот кош. Нападнатите биле пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде им била укажана лекарска помош. По инцидентот напаѓачите биле приведени и задржани во полициска станица.
Лицата се осомничени дека на 07.10.2018 година извршиле грубо насилство во угостителски објект во населбата Драчево, при што тешко телесно повредиле две лица и со тоа во јавноста предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв. Откако критичната вечер осомничените дошле како гости во локалот, најпрвин започнале вербална расправија со оштетените, која потоа прераснала во тепачка. Еден од осомничените со остар предмет им нанел тешки телесни повреди во вид на убодни рани на двајцата оштетени. Законското битие на наведеното кривично дело упатува на тоа дека сторителите друг малтретираат, грубо навредуваат и му ја загрозуваат сигурноста или врз него вршат грубо насилство, а со тоа во јавноста предизвикуваат чувство на несигурност, загрозување или страв. За ова кривично дело извршено во група од две или повеќе лица или кога станува збор за насилство извршено врз повеќе граѓани, а квалификаторен елемент е и доколку како последица е нанесена тешка телесна повреда или смрт на некое лице, е предвидена затворска казна од три до десет години, велат од ОЈО.
Од обвинителството објаснуваат дека во конкретниот случај, во текот на предистражната постапка, врз основа на обезбедените докази, е утврдено постоење на основано сомнение за наведеното кривично дело, па од тие причини обвинителството ја отвори истражната постапка за тоа кривично дело.
Во текот на истрагата ќе бидат испитани осомничените, оштетените, како и повеќе сведоци. Исто така, во текот на истрагата ќе се прибави и судско-медицинско вештачење за видот и карактерот на повредите кај оштетените. Врз основа на сите тие обезбедени докази, надлежниот јавен обвинител ќе одлучи за натамошниот тек на постапката, во смисла на правилно утврдена фактичка состојба и правилна примена на Кривичниот законик, велат од ОЈО.
Обвинителство Скопје до судија на претходна постапка доставило предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, но од судијата предлогот не бил прифатен. Судот на едниот осомничен му изрекол куќен притвор, а на другиот мерки на претпазливост.
Против овие решенија Основното јавно обвинителство Скопје поднесе жалби до Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 Скопје, а одлуките по тие жалби се уште не се пристигнати во обвинителството, велат од ОЈО.