Двајца демонстранти загинаа при полициска интервенција против протест во турскиот град Јоксекова во југоисточната провинција Хакари, објави електронското издание на весникот „Хуриет дејли њуз“.
Протестите избувнале по порака на локална невладина организација, во која се тврди дека гробови кои припаѓаат на членови на забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК), биле вандализирани.
Двајца мажи на 34 и 32 години починале откако добиле тешки повреди за време на полициската интервенција. Таа била предизвикана од напади на група маскирани лица, посочи во соопштението полицијата на Хакари.
По изјавата на невладината организација, група од 150-160 луѓе се собрала на спонтан протест во центарот на градот. Меѓу нив имало 25-30 луѓе кои носеле маски на лицата, кои ги нападнале силите за борба со безредијата со импровизирани експлозиви што ја натерало полицијата да користи водени топови и солзавец, наведува полицијата, негирајќи ги информациите за вандализирање на гробници во областа на Јоксекова.