Две фирми со ист сопственик добиле зделка од 9,5 милиони евра

Две фирми со различно име, но со ист сопственик, добиле државни зделки на ист тендер вреден 9,5 милиони евра – откри истражувачкиот портал „Призма“.

– Во сопственичката структура на Квантум солушнс и Енерџи икс, фирми регистрирани во мај, кога течел тендерот за набавка на јаглен за РЕК Битола, фигурира едно исто име, на 45-годишниот тетовчанец Аљибер Ибраими – објави Призма.

Ниту Ибраими, ниту другите две имиња кои се појавуваат во сопственичката структура не се познати во енергетскиот бизнис. Нејасно е како новоформирани фирми успеале да ја победат конкуренцијата и да добијат милионски тендер.

Од Призма велат дека на адресите наведени во централен регистар вакви фирми нема, ниту пак некој слушнал за нив. Интересно е што во тендерските услови воопшто не се барало искуство во областа. Од државните електрани велат дека иако имаат законска можност да склучуваат договори без тендер, тие тоа не го прават, туку добавувачите ги бираат на јавен и транспарентен начин.

– Законот не ги ограничува понудувачите со колку фирми ќе се пријават на јавните повици и не ги ограничува фирмите колку понуди ќе дадат на еден повик. Сопственичката структура на некоја фирма не е критериум, ниту за квалификација, ниту за дисквалификација при јавен повик и истата не се разгледува. Главен критериум по кој се оценуваат понудите е техничката соодветност, односно дали понудениот јаглен одговара по своите параметри на тоа што се побарува – одговориле од ЕСМ.

Ова доаѓа во време, кога државата се бори со енергетската криза увезувајќи јаглен за производство, наместо веќе произведена струја и со тоа најави дека целосно ќе ги обезбеди потребите на домаќинствата.