Две лица тешко повредени во сообраќајката на патот Ресен-Охрид

Двајца возачи се тешко повредени во сообраќајната несреќа која во петокот вечерта околу 20 часот се случи на магистралниот пат Ресен-Охрид, кај селото Крушје, информира во саботата Министерството за внатрешни работи.

Од полицијата информираат дека во несреќата учествувале возило „лада“ во вевчански регистерски ознаки управувана од 39-годишниот С.П. и автомобил „опел“ со охридски таблички управуван од 42-годишниот охриѓанец Љ.Ч.

Во несреќата со тешки повреди се здобиле двајцата возачи, Љ.Ч. бил пренесен во болницата „Свети Еразмо“ во Охрид од каде по укажаната лекарска помош е препратен во Клиничкиот центар во Скопје, додека С.П. е пренесен и задржан на лекување на битолската болница.

Сообраќајот до завршувањето на увидот беше во прекин во двата правци.