Низа убиства ја потресоа јавноста во земјава изминатиов месец. Сличноста меѓу последните три кои се случија за краток период е тоа дека сите се извршени заради пари, и тоа поради банални суми.
Општина Вевчани беше завиена во црно по двојното убиство кое се случи во кафетеријата „Пјаца“. Педесет и шестгодишниот поранешен поштар Здравко Србакоски ги усмрти четириесет и тригодишниот Владо П. и дваесет и тригодишниот Мате Ѓ. Во инцидентот се ранети уште две лица. Тој влегол во кафетеријата и испукал седум куршуми кон масата на која седеле четири лица.
Како што се шепкулира низ Вевчани убиството било будалија за 600 денари. Осомничениот за убиството велат селаните, порано бил поштар, но бил љубител и на коцкањето. Тој поради долгови морал да замине во Хрватска, Словенија. Но, бидејќи и таму направил проблеми, морал да се врати. Го немало 20 години. Пред убиството влегол во спортската обложувалница која била во сопственост на еден од убиените и сакал да уплати ливче во вредност од 600 денари. Бидејќи системот не работел ливчето не можело да биде уплатено во моментот. Тогаш започнала вербална расправија меѓу Здравко и сега починатиот Владо Попески. Здравко на заминување му рекол на Владо: „Мислите дека сте моќни? Ќе ме запаметиш!“, а потоа ете се виде на што човекот е подготвен.
Ништо покусо не е ниту убиството на деведесетгодишниот старец Јован Цилаков од Велес, кој беше убиен за 200 денари. Неговото тело беше пронајдено од случајни минувачи во двор на велешка гимназија. Четириесет и осумгодишниот бездомник Зоранчо Б. прво го ограбил, а потоа го усмртил старецот удирајќи го со камен во главата, а откако Цилеков паднал, напаѓачот му задал уште неколку удари. Па, дали животот на човекот вреди двесте, петстотини, или пак илјада денари? Не! И никој нема право да одлучи кога треба да заврши нечиј друг живот!
Последно и најсвежо во меморијата е убиството кое се случи во село Пепелиште, неготинско. Безживотното тело на осумдесет и шестгодишниот Вељо А. беше пронајдено на селските гробишта со видливи траги на насилство. Убиецот, неговиот соселанец, триесет и осумгодишниот С.В. го убил старецот за 1000 денари. Тие заминале заедно на гробиштата и работеле на засадување дрво. Откако ја завршиле работата, С.В. му побарал на старецот да ја плати услугата со илјада денари. Откако Вељо одбил да плати, убиецот со метален ашов му нанел неколку удари по телото и главата и го усмртил. Потоа од паричникот на старецот земал 1000 денари и побегнал.
Дали убиствата извршени за навистина краток период се чиста случајност или не ќе покаже времето. Да се надеваме дека ќе биде така!