
Двете малолетни девојчиња на возраст од 12 и 15 години кои исчезнаа пред три дена, во саботата околу пладне биле пронајдени во близина на „Веро“ во скопски Чаир.
Нивни роднини информираа дека граѓани ги виделе и ги запреле, а веднаш потоа ја известиле полицијата. Оваа вест ги израдува членовите на семејствата, но за жал поради исчезнувањето, влошена му е здравствената состојба на еден од татковците.
Таткото на едно од девојчињата за ТВ 24 изјави дека состојбата на неговата ќерка е добра и се вршат институционалните процедури.
Официјално дека завршила потрагата за девојчињата потврдуваат и од МВР. Полицијата ги пронајде двете исчезнати малолетнички на подрачјето на Бит пазар.
„Денеска во 13:30 часот на улицата Џон Кенеди кај продажен објект во паркот од страна на полициски службеници од ЕВР Центар и Бит оазар по деноноќната потрага се пронајдени малолетничките М.К. (15) и А.А. (12) за кои на 30.03.2023 во вечерните часови беше пријавено дека се одалечиле. По документирање на случајот малолетничките ќе бидат предадени на родителите“, соопшти МВР.
Потрагата траеше три дена. И на социјалните мрежи имаше апели по што се вклучија и членови на навивачки групи. 15- годишната Мелиса досега неколкупати се оддалечувала од домот и повторно се враќала. Засега нема официјални информации дали двете девојчиња заедно исчезнале и имаат поврзаност двата случаи.