Уредбата за двојазичност на полициските униформи е спротивна на мислењето на Венецијанската комисија, со неа противправно се зобиколува основниот принцип во полицијата на единственост на униформата, a единствен европски пример за повеќејазични униформи е државата Босна и Херцеговина – укажува политичката партија Левица.
Уредбата за двојазичност на полициските униформи стапи во сила минатата недела, а вицепремиерот Артан Груби на својот фејсбук профил тоа го нарече „уште една победа“ и објави фотографии од изгледот на новите униформи.
Левица лани поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на оваа уредба, која Уставниот суд сè уште ја нема ставено на разгледување.
Во иницијативата Левица наведува дека со оглед на тоа што постои единствен состав на полицијата на територијата на целата држава, правењето разлики во униформите значи директна закана врз унитарниот карактер, суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на државата.
„Уставот ја предвидува употребата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо на целата територија на државата како службен јазик и писмо [Амандман V, т. 1 од Уставот на РМ]. Значи, секое дејствување во рамките на државата кое има унифициран карактер, т.е. кое се потпира на принципот на целовитост и територијалност мора да ја следи оваа уставна одредба. Оваа уставна обврска се однесува и на Полицијата, која функционира врз основа на територијалниот принцип, кој неминовно ја обврзува Полицијата да функционира на територијата на целата држава уницифирано т.е. законот со кој се уредува нејзината надлежност мора да се применува потполно исто и подеднакво на целата државна територија“ – укажува Левица.
Според Левица ниту во Законот за внатрешни работи, ниту во Законот за полиција, како единствени закони со кои непосредно се уредува работата на Министерството за внатрешни работи и на полицијата, не е предвидена можност за отстапување од принципот на единственост на униформата.
„Владата со подзаконски пропис го уредува изгледот на униформата и ознаките на униформата на Полицијата во целина, алудирајќи на единствен изглед, без предвидување на можност за промена на изгледот на униформата или ознаките, во зависност од секторската припадност на службеникот. Спротивно на законската и подзаконската регулатива, оспорениот контроверзен владин акт овозможува, противправно да се зобиколи основниот принцип во полицијата на единственост на униформата. Со тоа оспорената уредба го нарушува системот на нормативна хиерархија и овозможува заобиколување на Уставот и законите“ – соопшти Левица.
Левица ја повикува ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски да соопштат официјален став откако Уредбата за двојазични униформи стапи во сила.