Џабе барања за екстрадиција, Груевски не може да биде вратен

Кога една државата ќе одобри азил за некое лице тој е под нејзина заштита и не може да биде вратен во земјата од која доаѓа или пак да биде екстрадиран, појаснуваат правните експерти.

Се додека постои опасноста поради којашто е првично и побаран азил лице ќе биде со таков статус.

Професорката од Правниот факултет, Тања Каракамишева Јовановска вели дека азилот е гарантирање на заштита на лицата што се пребегнати од друга држава и смета дека во случајот со експремиерот Никола Груевски откако Унгарија му одобри политички азил тој не може да биде вратен во Македонија по барање на македонските власти.

„Правото на азил и институт на меѓународното право чија функција е гарантирање заштита на лицата што се пребегнати од друга држава. Азилот се поврзува со поимот бегалец и значи признавање на статус на азилант во државата во која странецот се засолнал, забрана за протерување и враќање во државата од која пребегнал поради страв од политичка одмазда со смртни последици и слично. На азилантот му се признаваат определeни меѓународно или национално статутирани права како што се правото од заштита на кривично гонење, право на вработување, право на социјална помош од државата итн“, вели професорката Каракамишева Јовановска.

За професорката меѓународните документи се јасни во однос на прашањето дали Груевски додека е под заштита на Унгарија би можел да биде екстрадиран во земјава.

„Правото на азил е загарантирано и со Повелбата за фундаменталните права на ЕУ која реферирајќи на Женевската конвенција утврдува дека ИЗРЕЧНО СЕ ЗАБРАНУВА протерување или екстрадирање на бегалецот што добил азил во неговата држава или во друга небезбедна држава каде што постои сериозна опасност за бегалецот да биде изложен на смртна казна, тортура, или друга нехумана и деградирачка постапка или казна. И во стандардите усвоени од Советот на ЕУ се повторуваат истите овие права извлечени од веќе наведените европски и меѓународни документи“, вели професорката.

Дека македонските власти попусто бараат екстрадиција вели и унгарскиот министер за правда Лазло Трошани. Министерот Трошани во интервју за една унгарска телевизија појаснува дека со тоа што му е одобрен азил на Груевски унгарската држава признава дека тој е жртва на прогон и не може да биде екстрадиран.

Трошани појасни дека сега Груевски може да добие патни документи и слободно да ја напушти Унгарија ако сака.

Но, министерката за правда Рената Десковска, како и македонската Влада убедени се дека правдата ќе го стигне Груевски. Десковска најави барање до унгарската влада за преиспитување на одлуката за одобрување политички азил за поранешниот премиер.

Според Десковска, правниот систем на Унгарија дозволува таква постапка и додава дека ако Груевски не добие унгарско државјанство неговата дозвола за азил повторно ќе биде ставена на разгледување по три години.