Најдобриот стерелец на последниот Мундијал во Бразил, репрезентативецот на Колумбија и стандарден првотимец во дресот на францускиот прволигаш Монако, Џејмс Родригез, во следните неколку дена и официјално ќе биде претставен како најнова милионска аквизиција на актуелниот европски клупски шампион, Реал (М).
За да ги осигура услугите на 23-годишниот играч за врска, претседателот на “кралскиот клуб”, Флорентино Перез мораше прво да го прифати, а потоа и да го исплати побараното обештетување од 88 мил. евра.
Купувањето на Родригез е еден вид на одговор на Реал (М) до каталонскиот гигант Барселона, чии челници пред неколку недели одвоија идентична парична сума но за обештетувањето на контроверзниот репрезентативец на Уругвај, Луис Суарез.
Пред неколку дена, дресот на Реал (М) и официјално го облече репрезентативецот на Германија, Тони Крос, кој е купен од Баерн (М) за 25 мил. евра.