„Џган“ пред американската публика ќе биде прикажан на 20 октомври во 20:45 часот во натпреварувачката селекција на жанровски филмови „After dark“.
– Низа од свирепи околности претвораат тивко и повлечено момче во суров, бескомпромисен водач на група отфрлени штитеници од дом за деца без родители. Заедно, тие тргнуваат во слепа одмазда кон светот зад нивните ѕидови, што им нанел само болка и страдање. Светот во кој за нив, постои само едно, заедничко име – Џган, ова е приказната на филмот.
Македонски продуцент на филмот е Дрим Фектори, копродуцент на филмот е Red helicopter films од Албанија. Филмот е финансиски поддржан и од Агенцијата за филм на Република Македонија и SEE Cinema network.
Главните улоги ги толкуваат Мартин Ѓоргоски, Дениз Абдула и Никола Ристановски. Во филмот од останатата актерска екипа играат и Сара Климоска, Љупчо Тодоровски, Адем Карага, Горан Стојановски, Игор Стојчевски, Борис Дамовски, Марија Кондовска, Ристо Буразденов, Мартин Живковски…
Поведен од слоганот на филмот дека „Никој не е роден насилен“, Вардан Тозија го изработи и сценариото. Дизајнот на шминката и маските ги изработи Горан Игњатовски, костимограф е Жаклина Крстевска, дизајнер на Звук Игор Поповски, а музиката е на Александар Пејовски. Сценографијата е дело на Кирил Спасески и Наташа Димитриевска. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, монтажер е Атанас Ѓеоргиев, кастингот го работела Кирјана Николовска, а продуцент на филмот е Огнен Антов.
Филмскиот фестивл во Чикаго постои од 1964 година и на него продефилирале имиња како Мартин Скорсезе, Џон Карпентер, Вим Вендерс, Тејлор Хакфорд, Питер Вир, Алан Паркер, Питер Гриневеј, Крзистоф Кишловски…