Ќе извршиме увид во незаконските решенија за вработувања во МВР, приоритетна цел се демократски избори

Министерот за внатрешни работи во техничката Влада, Наќе Чулев во контекст на прераспределбите во МВР изминатите три дена, подвлече дека „е потребен одреден период за согледување на состојбата, по што, за најмногу неколку дена, официјално ќе бидат соопштени за во најголем дел незаконски издадените решенија“.

Приоритетна цел во наредниот период на мене како технички министер за внатрешни работи на Република Македонија пред се ќе биде организирање на мирни, фер и демократски избори и за таа цел ќе бидат превземени широк спектар на мерки и активности во насока на превенирање на евентуални обиди на криминални, насилни и други структури за нарушување на изборниот процес. Дополнително со оглед дека се работи за сензитивен безбедносен период ќе бидат во соработка со меѓународни организации  и други државни институции во Република Македонија ќе бидат превземени активности за стабилизација на државата и за заштита на уставниот поредок и безбедност  на граѓаните. Што се однесува до последните  решенија кои се дадени во изминатите три дена вклучително и во текот на  денешниот ден, сметам дека ни треба еден период на согледување на состојбата во Министерството за внатрешни работи и за најмногу за неколку дена ќе излеземе со официјално соопштение во однос на најголем дел незаконски дадени решенија.