Ќе се формира заеднички регионален пазар на Западен Балкан

Намалување на времето на чекање на граничните премини за 30% со спроведување на пакет мерки што вклучуваат проширување на Зелените коридори и поедноставување на процедурите поддржани од Систематска електронска размена на податоци SEED +, потоа намалување на трошоци и бирократијата како и олеснување на е-трговијата  и побрзо приклучување кон единствениот пазар на ЕУ треба да овозможи Заедничкиот регионален пазар за кој денеска разговарале  лидерите на Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес.

Според очекувањата, регионалната економска интеграција може да генерира дополнителни до 6,7% раст на БДП во регионот.

– Интегрираниот пазар од 18 милиони луѓе е поконкурентен на европската и глобалната сцена и попривлечен за странските инвеститори. Понатаму, воспоставувањето на Заеднички регионален пазар ќе му помогне на регионот во процесот на усвојување на стандардите на ЕУ и приближување кон единствениот пазар на ЕУ –  рече Емир Ѓикиќ, директор на ЦЕФТА Секретаријатот.

ЦЕФТА, додаде тој,  ќе биде клучна за спроведување на најважните активности во Регионалната трговска област, но исто така и во другите области на планот, заедно со Советот за регионална соработка, Транспортната заедница, Форумот за инвестиции во Комората на WB6 и други партнери.