Ќе се кратат упарвните одбори, избор преку јавен повик

Владата на денешната седница го усвои Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавни претпријатија со кој се намалува бројот на членови во управните и во надзорните одбори во јавните претпријатија.

„Согласно новото законско решение, бројот на членови на управните одбори се намалува од сегашните 15 на 7 членови, односно 5 во помалите општини, а бројот на членови во надзорните одбори на јавните претпријатија се намалува од сегашните 5 на 3 членови“, објави министерот за економија Крешник Бектеши на својот профил на Фејсбук.

Со измените и дополнувањата се регулира постапката за избор на членовите на управни и надзорни одбори и висината на надоместокот.

Новата регулатива треба да го подобри и изборот на кадри за тие позиции, како и да воведе ред во висината на надоместокот кој го земаат членовите на управни и надзорни одбори.

Според законското решение, за првпат станува законска обврска објавувањето јавен повик за членови на управни и надзорни одбори на јавни претпријатија и тоа на веб-страните на Владата, односно општината или Градот Скопје и на веб-страната на самото јавно претпријатие три месеци пред истекот на мандатот на актуелниот состав.

На јавниот повик ќе може да аплицираат сите граѓани кои ги исполнуваат законските услови за членови на управни и надзорни одбори.

Со предложените законски измени се очекува подигнување на стручноста и професионалноста при управувањето и надзорот на работењето на јавните претпријатија.

Се воведува законска обврска за формирање Комисија за селекција, која на најтранспарентен начин ќе ја врши постапката за селекција на сите пријавени кандидати.

Предлог-законот пропишува и услови за разрешување на членовите на управните и надзорните одбор на јавните претпријатија.

Со овие измени се очекува зголемување на ефикасноста во работењето на јавните претпријатија и намалување на секое политичко влијание при изборот на членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија, а ќе се овозможи поефикасно управување и надзор на работата на јавните претпријатија, а со тоа и подобрување на услугите кои им се пружаат на граѓаните.