Ќе се одлучува дали Куманово ќе оди во 14 дневен карантин

Барањето на Општина Куманово за воведување 14-дневен карантин со целосна забрана за движење на жителите, денеска ќе се најде на седница на Владата.

Министерот за здравство Венко Филипче на вчерашната прес-конференција изјави дека барањата на кумановскиот кризен штаб биле разгледувани на состанокот на Комисијата за заразни болести, а крајна одлука ќе се носи на седница на Владата.

-Предлозите веќе се доставени до Централниот штаб на Владата кој ќе заседава утре, а после тоа ќе има и седница на Владата на којашто ќе се донесат сите одлуки во однос на барањата на кризниот штаб на Куманово, изјави вчера Филипче.

Филипче информираше дека од 210 здравствени работници од болницата во Куманово на кои им биле направени серолошки тестови, кај само двајца биле пронајдени зголемени антитела и тие дополнително ќе бидат тестирани за ковид-19.

Од инфективното одделение пак, седум пациенти се префрлени во Скопје. Сега тој оддел ќе се користи за тријажа и проценка на здравствената состојба на пациентите, а во координација со Министерството за здравство ќе се одлучува дали и кои пациенти ќе одат во Скопје, а кои ќе останат да се лекуваат во Куманово.

Инаку, воведување на засилени мерки за спречување на ширењето на вирусот, вчерауште еднаш побара општински штаб за заштита и спасување на Куманово. Освен што побараа 14-дневна изолација со 24-часовна забрана за движење, апелираа и побрзо да стигаат резултатите од тестирањето за ковид-19.

Дека во Куманово се неопходни посебни мерки за стопирање на жариштата, смета и претседателот на државата Стево Пендаровски кој во своето обраќање после седницата на Советот за безбедност ја повика Владата да размисли за имплементација на слични или исти мерки за заштита, како што се воведоа со прогласување на кризната состојба во Дебар и Центар Жупа.