Ќе се субвенционираат платите на вработените во погодени фирми

Владата го утврди Предлог законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено економската криза предизвикана од вирусот КОВИД-19, заради исплата на платите за месеците октомври, ноември и декември 2020 година на синоќешната седница.

Со овој закон, се уредуваат условите и постапката за добивање на финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот КОВИД-19, заради исплата на платите на работниците за месеците октомври, ноември и декември 2020 година, стои во објавата.

За да почне примената измените треба да се усвојат и во Собранието. Министерот Крешник Бектеши рече дека се надева дека пратениците ќе успеат да стасаат и измените да се донесат до ноември. Им порача да не водат дневна политика.

Поддршката за исплата на плати до крајот на годината ќе биде скалеста, од 14.500 до 21.776 денари. Таа ќе се однесува на компании кои се погодени од ковид кризата, односно нивните приходи се намалени за 30 и над 30 проценти. Државата ќе ги субвенционира платите на работниците во овие фирми во месеците октомври, ноември и декември, односно до крајот на годината. Со неа Владата очекува дека ќе се поддржат 250.000 работни места, за кои ќе се издвојат 70 милиони евра.