![skripal](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2018/09/skripal.jpg?resize=670%2C457&ssl=1)
Британскиот весник „Дејли Телеграф“ тврди дека еден од двајцата Руси обвинети за труењето на пребеганиот руски агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во Велика Британија е агент на руската воена разузнавачка служба ГРУ.
Според весникот, човекот што допатувал во Велика Британија два дена пред труењето на Скрипал користејќи го името Руслан Боширов, всушност е Анатолиј Чепига, полковник на ГРУ.
Британското обвинителство ги посочи двајцата Руси кои допатувале во градот Солсбери во март под имињата Руслан Боширов и Александар Петров, како лицата кои донеле нервен отров новичок и го употребиле во обид да ги убијат таткото и ќерката Скрипал.
Двајцата осомничени во изјава за руска телевизија ги негираа тврдењата дека се тајни агенти и тврдеа дека нивното патување во Велика Британија било од туристички карактер.
По објавувањето на веста на „Телеграф“, британскиот министер за одбрана Гевин Вилијамсон на Твитер напиша дека е откриен вистинскиот идентитет на едниот од Русите и дека се работи за руски офицер.